Левица: Баџанакот на Мицкоски се јавува како донатор на ВМРО-ДПМНЕ со бугарска фирма

од Nikola Popovski
156 прегледи

Левица испрати нови обвинувањата кон премиерот Христијан Мицкоски и неговата партијата ВМРО-ДПМНЕ. Според опозициската партија, баџанакот на премиерот се јавува како донатор на владеачката партија со сума од 20.000 евра во 2019 и во 2021 година.

-За баџанакот на премиерот медиумите веќе објавија дека поседува и бугарско државјанство од 2017 година, по примерот на министерката за енергетика Сања Божиновска. Изговорот на министерката Божиновска беше дека бугарското државјанство го добила од економски причини. Очигледно, за да си успешен бизнисмен предуслов е да поседуваш бугарско државјанство, велат од Левица.

Според партијата на Димитар Апасиев, нејасно е како со професорски плати, како што потенцираат, фамилијата на Мицкоски донирала речиси 60.000 евра за партијата.

-Иако премиерот Мицкоски сака да говори дека живеел само од професорска плата, непобитен е фактот дека со професорка плата не може да се заштедат вакви огромни суми, ниту пак да се купуваат часовници од по 60.000 евра. За бизнисменското минато на Мицкоски јавноста речиси и да не запознаена, затоа што премиерот дури и во својата биографија до Собранието не го наведе податокот дека се јавува како сопственик на две фирми во енергетскиот бизнис, нагласуваат од Левица.

Вчера од партијата во опозиција исто така обвинија дека покрај Мицкоски и фамилиите Филипче и Заев имаат свои приватни фирми во бугарскиот град Петрич. На ваков начин, како што велат од Левица, коалицијата ВМРО ДПМНЕ – СДСМ дополнително е споена од бугарскиот пазар и од тактиките за финансирање на партиите преку странски пари, што е кривично дело.

-Бугарските газди, роднини на Мицкоски, се јавуваат и како донатори на ДПМНЕ, со илјадници евра уплатени на сметката на партијата и пренасочени на изборни сметки. Наспроти тоа, самопрогласениот патриот Мицкоски, се колнеше дека ќе ја спречи „бугаризацијата“ на Македонија, потенцираа меѓу другото од опозициската партија.

Слични содржини