Левица: Баџанакот на Мицкоски со бугарски фирми добива тендери од општина Струмица

„Дали партијата на Мицкоски се финансира со парите од граѓаните, преку тендери кои завршуваат кај неговиот баџанак - донатор“, прашуваат од Левица

од Nikola Popovski
34 прегледи Фото: Фејсбук

Утрово се соопштени обвинувања против премиерот Христијан Мицкоски дека „ги злоупотребува општините кои тонат во долгови само за богатење на неговото семејство и најблиски пријатели“. Од партијата Левица објавија дека е скандалозно што еден од првите тендери на општина Струмица завршува токму кај, како што велат, фирмата на баџанакот на премиерот.

-Еден од првите тендери после промената на власта во Струмица го доби ,,Шалом – Фуд Груп“, компанија во сопственост на Јорданчо Јанев, инаку баџанак на Христијан Мицкоски.

Левица и претходно има реагирано дека токму Јорданчо Јанев се јавува како донатор на ДПМНЕ со сума од 20.000 евра. Контроверзно е што баџанакот на Мицкоски поседува и фирми кои остваруваат милионски профити во бугарскиот град Петрич. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно претходно се обвинуваа дека овој мал бугарски град е омилена дестинација за нивните фирми, стои во партиското соопштение.

Левица прашува „дали преку бугарски фирми во сопственост на фамилијата на премиерот се изнесуваат криминално заработени пари? “.

-Дали партијата на Мицкоски се финансира со парите од граѓаните, преку тендери кои завршуваат кај неговиот баџанак – донатор?

За фамилијарните бизниси на премиерот одговор треба да дадат институциите и јавното обвинителство. Очигледно и новата ВД јавна обвинителка која е тесно поврзана со ВМРО-ДПМНЕ е поставена единствено со цел за да нема одговорност за криминалот на оваа гарнитура на власт, истакнуваат од партијата на Димитар Апасиев.