Левица бара зајакнување на капацитетите на болницата во Кочани: Жртвите од „Пулс“ се третираат без конкретна финансиска помош од Владата

од Vladimir Zorba
42 прегледи

„Сведоштвата кои доаѓаат од пациенти преживеани на кобната вечер во Кочани укажуваат дека на кочанската болница итно ѝ е потребно зајакнување на капацитетите. Во моментов, медицинскиот персонал со натчовечки напори третира над 120 пациенти, во импровизирани услови. Како што објавија од волонтерскиот кризен штаб „Support Kocani”, пациентите се третираат без специјална када, со кофи и влажни крпи и без конкретна финансиска помош од Владата, но и без психолошка помош. За разлика од условите во Бугарија, каде пациентите биле третирани во специјални кади, тука се препуштени на импровизирани услови, а натчовечката посветеност на медицинскиот персонал е од суштинско значење“, соопштија утринава од Левица.

„За жал, и донираната хипербарна комора во болницата во Кочани не е целосно ставена во функција и третирана е само една пациентка, која покажала одлични знаци на заздравување. Причината зошто овој апарат не е целосно во функција е поради недостиг на кадар и персонал.

Јавноста засега информации добива само од волонтерите во Кочани, додека информациите од Владата се паушални, ниту пак се знае дали има план за зајакнување на капацитетите во кочанската болница. Дел од волонтерите сведочат дека процесот на заздравување за овие пациенти ќе биде долг и поради тоа неопходна е силна помош и интервенција од страна на централната власт.

Левица апелира дека потребно е итна реорганизација на капацитетите и вонредно зајакнување на болницата во Кочани. Иако во рамки на Министерството за здравство беше формиран кризен штаб веднаш после трагедијата, нема никакви информации дали истиот уште функционира. На ниво на централна власт, неопходно е да функционира стручен тим кој на дневно ниво ќе ги следи состојбите во кочанската болница, ќе комуницира со медицинскиот персонал од Кочани кој секојдевно работи со пациентите и навремено ќе реагира при недостатоци и пропусти“, додаваат оттаму.

Слични содржини