Левица: Беџети од Алтернатива бил директор на ПИОМ без согласност од Владата

од Nikola Popovski
105 прегледи

Дритан Беџети, кадар од партијата Алтернатива на Африм Гаши, девет месеци ја извршувал функцијата директор на Фондот за ПИОМ без согласност на Влада, обвинија утрово од Левица преку соопштение. Според партијата, неговото, како што велат, (не)работење засега е проследено со две кривични пријави, додека извештајот на ДЗР потврдува основи за прекршочна и кривична одговорност од кадарот на Гаши.

-Ревизорскиот извештај наведува именување на Беџети за в.д. Директор од страна на Управниот одбор на Фондот за ПИОМ во февруари 2022 година со дадена согласност на Владата. Но, во јуни истата година, Управниот одбор на Фондот по спроведен јавен конкурс го именувал Беџети за ДИРЕКТОР, БЕЗ СОГЛАСНОСТ на Владата. Решение било донесено дури по девет месеци, а Беџети не добил согласност да биде прв човек на фондот за ПИОМ.

Недавањето согласност од тогашната Влада предводена од Ковачевски веројатно е поради политички пазарења. Тоа не го менува фактот дека Беџети ја обавува функцијата незаконски. За време на неговото незаконско директорување направени се бројни неправилности за кои сѐ уште нема правни последици или поднесена одговорност, тврдат од Левица.

Во септември за в.д. директор на ПИОМ назначен е портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов. Според партијата на Димитар Апасиев, од негова страна не е поднесена никаква иницијатива за одговорност од страна на неговите претходници и покрај огромните “дупки“ во Фондот.

-Ова не само што укажува на заштита и неодговорност за политичките кадри во коалицијата на власт, туку и паралелно потврдува како партијата на Димитриевски ги штити функционерите назначени во владеењето на СДС, стои во партиското соопштение.

Лани во март Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Бирото за јавна безбедност до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Беџети поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 од Кривичниот законик.

Во периодот од 19.2.2022 до 17.3.2023, кога ја вршител на функцијата директор на Фондот за ПИОСМ, пријавениот во име на фондот склучил повеќе договори  за дело и договори за извршување на самостојна работа со шест физички лица, постапувајќи спротивно на член 25 ст.1 од Закон за спречување на корупција и спротивно на одредбите од членовите во склучените договори.

Од соопштението на МВР се дознава дека Беџети иако ги ангажирал лицата знаел дека тие не ги извршувале работите кои им биле доверени, а не се водело никаква евиденција за нивно присуство во работните простории. Притоа на вработените лица во повеќе наврати им биле исплатени средства кои биле во согласност со нивните договори. На тој начин, пријавениот Беџети овозможил лицата да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 1.387.558 денари или 22.525 евра на штета на Фондот за ПИОСМ, односно Буџетот на Република Северна Македонија.

Слични содржини