Од партијата наведуваат дека барањата на синдикатите се насочени кон подобрување на животниот стандард и обезбедување достоинствени услови за работа, додавајќи дека работничкиот труд мора да биде соодветно вреднуван.
Во соопштението, Левица остро ја критикува актуелната власт, наведувајќи дека речиси две години владеење поминале без суштински одговор на економските проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Според партијата, голем дел од работниците едвај го преживуваат месецот со, како што велат, најниска минимална и просечна плата во регионот, и покрај тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски за висок економски раст.
Левица ги повика ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ да, како што наведуваат, се соочат со реалната економска состојба. Од партијата порачуваат дека премиерот мора да одлучи дали ќе продолжи со политика насочена кон интересите на бизнис секторот или ќе ја извршува својата функција во служба на граѓаните и работниците.
Во соопштението се потсетува и дека Левица минатата година поднела предлог-закон со кој се предвидувало зголемување на платите за најмалку 100 евра за сите работници, со што минималната плата би достигнала 500 евра. Според партијата, ова законско решение било одбиено од парламентарното мнозинство, што, како што тврдат, придонело за продлабочување на економските проблеми.
„Трошоците за живот постојано растат, а работниците повеќе немаат време за чекање“, порачуваат од Левица, нагласувајќи дека ќе продолжат да ја поддржуваат борбата на синдикатите и на улица и во институциите, со јасно барање Владата да преземе конкретни чекори за обезбедување плата што овозможува достоинствен живот.