Левица: Дали Тошковски преку разрешениот началник Салтировски бил дел од шема за испумпување пари преку спорови со МВР?

од Nikola Popovski
452 прегледи

Левица информира дека до нив пристигнале информации како одговорниот началник на СВР Штип за време на трагедијата, Дејан Салтировски имал директни лични односи со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Односно, како што велат од партијата, за време на претходната власт, Салтировски, како вработен во гранична полиција, на полицајците им нудел потпишано полномошно од Тошковски во својство на адвокат.

-Дали Тошковски, преку Дејан Салтировски, бил дел од ШЕМА за испумпување пари преку спорови со МВР е прашање на кое министерот треба да одговори, велат од Левица.

Според партијата на Димитар Апасиев, дека министерот Тошковски го штити Салтировски говори фактот што, како што обвинуваат, истиот е вратен на неговата позиција во граничната полиција, без да се отвори било каква постапка за негова одговорност за кобната ноќ.

Левица упати три прашања до првиот полицаец во државата:

„1. Дали во минатото министерот застапувал судски спорови против МВР преку (сега разрешениот началник на СВР Штип) – Дејан Салтировски?
2. Дали Тошковски лично УРГИРАЛ за Дејан Салтировски да добие безбедносен сертификат?
3. Што правеле во Кочани еден час пред трагедијата Дејан Салтировски (како тогашен началник на СВР Штип) и неговиот кумашин Ванчо (како тогашен помошник-началник во СВР Штип)?“.

На 29-ти април, Собранието ја отфрли интерпелацијата за министерот за внатрешни работи. „Против“ интерпелацијата гласаа 72 пратеници, 20 беа „за“, а немаше воздржани. Интерпелацијата што ја поднесе Левица, ја поддржаа СДСМ и ДУИ. Таа е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.

Против министерот за внатрешни работи беше поднесена интерпелација и во јануари заедно со уште тројца интерпелации на владини министри. Тогаш интерпелациите ги поднесе Европскиот фронт предводен од ДУИ и во нив преовладуваше наративот дека се потфрлило со справување со меѓуетничките тензии. Интерпелациите не поминаа во Собрание.

Слични содржини