Левица: Денешната неуспешна вонредна седница за измена на Изборниот законик е уште еден политички циркус во режија на ДПМНЕ

Токму премиерот Мицкоски пред неколку месеци тврдеше дека мнозинството е стабилно и дека Бадентерот не им е проблем. Ова се двојни аршини и перфиден обид за замајување на јавноста, се вели во соопштението од Левица

од Vladimir Zorba
105 прегледи

Денешната неуспешна вонредна седница за измена на Изборниот законик, на само два месеца пред денот на локалните избори, претставува уште еден политички циркус во режија на ДПМНЕ. Истата таа партија која во овој мандат за сопствени интереси успеа со ДУИ да најде заеднички јазик за донесување на два системски закони, денес, кога треба да се заштити демократијата и да се овозможи непречена трка на политичките субјекти – одеднаш, Бадентеровото мнозинство стана проблем. Потсетуваме и дека токму премиерот Мицкоски пред неколку месеци тврдеше дека мнозинството е стабилно и дека Бадентерот не им е проблем. Ова се двојни аршини и перфиден обид за замајување на јавноста, се вели во соопштението од Левица.

„Се работи за брутална фарса – истиот инструмент кој ДПМНЕ и ДУИ беспрекорно го искористија во овој мандат за да протуркаат системски закони, сега одеднаш стана непремостлива пречка кога треба да се создадат услови за вистинска демократија.

Левица, иако Законот пристигна само еден ден пред седницата, успеа да подготви и поднесе амандман со разумен праг од 0,5% наспроти предложените цинични 0,95%. Амандманот формално помина низ комисиските филтри и беше прифатен, но на пленарна седница, со добро позната политичка режија, истиот беше соборен. Со тоа уште еднаш се потврди дека „големите“ партии се подготвени да ги газат демократските принципи кога станува збор за одржување на својот монопол на политичката сцена.

Народот мора да ги казни овие лицемерни и антинародни елити. Додека на хартија глумат бранители на демократијата, во пракса прават сѐ за да го спречат појавувањето на нови политички и граѓански иницијативи што би им се спротивставиле на нивниот коруптивен и клиентелистички картел. Левица, потсетуваме дека е ЕДИНСТВЕНА партија која континуирано се спротиставува на зголемувањето на прагот за независните листи, а во 2021 со близу илјада амандмани го блокираше првиот ваков обид на широката коалиција СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ. Остануваме единствената сила што доследно се бори за демократизација на изборниот процес и за рушење на привилегиите на овие компромитирани партии“, додаваат оттаму.

Слични содржини