Левица: Додека во затворите лежат лица за украдени ќебапи, оваа политичка гарнитура докажа дека слободата се купува со пари

од Nikola Popovski
40 прегледи

Одлуката за помилување на прочуени криминалци докажува дека Силјановска, ДПМНЕ и ЗНАМ ја продолжуваат праксата на Пендаровски и СДС. Во само една година, втор пат се помилува член на криминалната група Барон, првиот пат од СДС, а потоа од ДПМНЕ – вака обвинија денеска од Левица.

Според опозициската партија, одговорност не смее да избегне ниту министерот за правда од ЗНАМ, Игор Филков. Левица порача дека министерот е должен да каже и дали согласно Законот за помилување тој ја повел постапката за помилување.

Исто така бараат од членовите на Комисијата за помилување: Методија Каневчев, Гордан Калајџиев, Арлинда Кадри Шахиновиќ, Зора Митиќ, Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири – јавно да го произнесат нивното мислење за помилуваните осуденици.

-Јасно е дека со ваквата скандалозна одлука за помилување, ДПМНЕ и ЗНАМ, на чело со Силјановска, следејќи ја погубната политика на СДС, повторно отстапија од суштината на институтот „Помилување“. Додека затворите се полни со неправедно осудени, луѓе кои лежат туѓи злосторства, затвореници за престапи поради сиромаштија, украдени ќебапи и продавање марули – и оваа политичка гарнитура докажа дека и слободата се купува со пари, стои меѓу другото во соопштението на Левица.

Опозициската СДСМ остро реагираше на помилувањата. СДСМ бара претседателката да ја повлече одлуката. Портпаролката Богданка Кузеска потенцира дека со оваа скандалозна одлука ќе се охрабрат криминални групи кои ќе ја загрозат безбедноста на државата и ќе го нарушат владеењето на правото.

Партијата ВМРО-Народна па Љубчо Георгиевски упати апел до претседателката да ги помилува и ослободи затворениците за случајот со насилството во Собранието на 27 април 2017 година.

Слични содржини