Левица: Ги осудуваме игрите со културните работници, Љутков да постапи според законските одредби

од Nikola Popovski
151 прегледи

Левица најостро ги осудува, како што велат, игрите со културните работници кои траат со години и му порача на министерот за култура, Зоран Љутков дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.

Од партијата забележуваат што по вчерашниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии.

-Новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. И натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат, истакнуваат од Левица.

Не бараме луксуз, туку она што законски ни следува. Со оваа порака Синдикатот на културата излезе на протест да си ја бара мартовската плата.

Почитување на колективните договори, достоинствени услови за работа, стратегија за унапредување на културата – испорачани клучните барања до министерот Љутков, бидејќи како што велат, над 300 работници секоја година во април се доведени на раб на трпението и достоинството.

Поддршка за Синдикатот на културата и од Сојузот на синдикати на Македонија.

Пред неколку дена извинување до културните работници упати министерот за култура. Љутков вели дека доцнењето е поради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финансии и покрај неговите напори платата да се исплати на време. Најави дека мартовската плата ќе ја добијат во првите денови по Велигден.

Со последното усогласување примањата во оваа дејност треба да порасне за околу осум проценти.

Синдикатот на културата останува на Одлуките донесени на последниот Совет: 1. Кривични пријави до сите директори кои со нови решенија за пресметка на плата ќе им ги скратат правата на вработените согласно Колективните договори, 2. Тужби за задоцнети плати, 3. Тужби по сите основи доколку се исплати платата за месец март во спротивност со Колективните договори.

-Ќе се носи одлука за започнување на процедурата за штрајк во културата, наведоа синоќа од Синдикатот.

Слични содржини