Левица го доби судскиот спор против Мицкоски за клевета

од Nikola Popovski
233 прегледи

Партијата Левица информира дека го добила судскиот спор за клевета во кој тужител беше премиерот Христијан Мицкоски, а негов адвокат, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

-Суетите на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и анимозитетот кон Левица а не кон СДСМ, кулминираа со тужба во која премиерот-подносител и министерот-адвокат бараат преку политички мотивирана хајка да се притисне и извини Левица поради наводно нарушен углед и достоинство на подносителот.

Предметот на тужба е видео-соопштението на Левица насловено ,,Фирми на Анѓушев и Мицкоски добиваат тендери во Општина Кисела Вода”. Судот ја одби оваа небулозна и суетна тужба на Мицкоски и Тошковски, чиј проблем со Левица е тоа што не е дел од мафијашко-политичките врски кои ги обединуваат ДПМНЕ и СДС со олигархијата, порачаа од Левица.

Од партијата велат дека ќе продолжат да бидат најизразена опозициска партија и ќе продолжат да посочуваат на, како што велат, криминогената природа и врски со олигархијата на ДПМНЕ – како на централно ниво, така и на локално.

-Откако ДПМНЕ го уништија Скопје до ниво на нефункционалност, извесно е следната година за градоначалник на град Скопје да биде предложен Орце Ѓорѓиевски – со цел да се донесе Генерален урбанистички план во кој ќе има плен за целата олигархија, проверена пракса во Општина Кисела Вода каде е и моментално градоначалник, стои во соопштението од партијата на Димитар Апасиев.

Според одлуката, се задолжува премиерот Мицкоски да ги надомести сите судски трошоци на Левица.

Слични содржини