Левица: Граѓаните со бурни реакции – автобусите на ЈСП со растојание од 40 минути до три часа

„Од ветување за бесплатен превоз до целосно колабирање“, обвинуваат од советничката група на Левица во Град Скопје за новиот возен ред

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Локално

Советничката група на Левица во Град Скопје забележува дека бурни се реакциите на граѓаните откако пред два дена почна да се применува новиот возен ред на автобусите на ЈСП. Истакнуваат дека од 40 минути до три часа растојание од еден автобус до друг, не можеше да се замисли ни во најлошото сценарио, особено поради фактот дека владејачката партија пред пет години ветуваше бесплатен јавен превоз за сите и набавка на нови еко автобуси.

-Но, откако ДПМНЕ ги расипаа односите со нивниот кандидат за градоначалник Данела Арсовска, Скопје стана заложник на нивниот инает и пет години во Советот на Град Скопје советниците на ДПМНЕ не гласаа за набавка на нови еко автобуси.

Виновен за овој колапс на јавниот градски превоз е единствено ДПМНЕ кој поради суета и лично-партиски интереси дозволи крах на ЈСП и без грам совест ги остави граѓаните да се снаоѓаат како знаат и умеат, порачаа советниците од Левица во Градскиот совет.

Граѓаните се жалат дека автобусите се нередовни и дека долго време чекаат на автобуските постојки. Оваа состојба е присутна веќе подолго време. Се случува и автобусите да стојат и по булеварите поради дефект, но да прочитаме и дека некој се запалил. Планот на градот е да се набават нови 150 еко-автобуси, а дел од нив да пристигнат до крајот на годинава.

Инаку и претходно, министерството за транспорт и врски објави тендер за набавка на 120 автобуси, но беше неуспешен со образложение дека на повикот се јавила само една компанија која не ги исполнувала условите.