Левица: Исчезнати и оштетени огромен број икони и уметнички дела, бараме ревизија на сите предмети кои се дел од македонското наследство

од Nikola Popovski
112 прегледи

Министерството за култура располага со поголем број уметнички слики, кои во сметководствената евиденција се евидентирани со вредност од над десет милиони денари, а на сметката на основен буџет се евидентирани во вредност од речиси деветнаесет милиони денари. Согласно со ревизорскиот извештај на ДЗР, недостасуваат седум слики, од кои пет не се сметководствено евидентирани, а четири слики, кои не се во сопственост на Министерството за култура, не се пронајдени од страна на Пописната комисија, соопштија попладнево од Левица.

Според партијата, во извештајот на ДЗР за работата на Министерството за култура, покрај изобилството забелешки и контроверзии за работата на Министерството, покрај недостатокот на уметнички слики, стои и дека се исчезнати икони, а огромен дел од нив настрадале или се целосно уништени поради чувањето во несоодветни услови.

-Пописната комисија констатирала кусок од вкупно 81 икона, кои се набавувани со цел да се подарат на гости или странски делегации. Останатите икони биле чувани во несоодветна просторија која била поплавена, поради што за 76 икони Комисијата утврдила оштетување.

Од страна на Пописната комисија дадени се предлози за постапување по констатираните состојби, меѓутоа по истите не е постапено, а недостатоците во работата на Министерството биле констатирани и во 2019 година, но, како и обично, оттогаш ништо не е сменето. Претходно, во 2017 година, имаше пријава дека се исчезнати дела од Петар Мазев и Владимир Величковски, кои биле дадени на реверс во Министерство за одбрана и во Владата, додаваат од Левица и бараат да се направи ревизија на сите уметнички предмети (слики, скулптури, резби, графики, икони…) кои се дел од културното наследство на Македонија, да се утврди што сѐ недостасува, а тоа што е во депоата и по владините институции да се утврди во каква состојба се наоѓа.

-Одговорност за уништувањето на културното наследство мора да има. Во спротивно, неповратно ќе го изгубиме националното богатство што генерации врвни уметници го твореле за оваа земја, соопштија од партијата на Димитар Апасиев.

Слични содржини