Најавениот избор на Ацо Ристов за претседател на РКЕ е само продолжение на истиот модел, по партиски клуч, под превез на наводна независност и експертиза, обвинуваат од Левица. Станува збор за поранешен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ (2021–2025), со јасни политички врски и бизнис релации во енергетскиот сектор.
-Во вакви околности, прашањето не е дали поседува техничко знаење, туку дали воопшто може да делува како независен регулатор. Кога лице со директни политички и деловни врски седнува на позиција што треба да ја контролира токму таа сфера, границата меѓу јавниот интерес и приватниот профит се брише, а довербата во институцијата дополнително се еродира.
Историјатот на РКЕ го потврдува овој континуитет. Марко Бислимоски, активен кадар на СДС, од позиција на раководител во Комисијата стигна до два мандати како претседател, при што неговата политичка и семејна поврзаност со структурите на СДС беше јавна и неспорна.
Димитар Петров, претходно поврзан со ДПМНЕ, доаѓа од ЕВН, а по завршување на мандатот повторно се враќа на високи позиции во истата компанија, што отвора сериозни дилеми за судир на интереси и ротација меѓу регулатор и регулиран субјект.
Слични обрасци се гледаат и кај актуелните членови: Елена Маркова Велинова, со директна партиска функција во ДПМНЕ, и Атанаско Туневски, кој во различни периоди се позиционираше во повеќе политички структури, од ДПМНЕ, преку СДС, до ЗНАМ, истовремено извршувајќи значајни функции во енергетскиот сектор, велат од Левица преку соопштение.
Според партијата, сè додека РКЕ функционира како партиска испостава, граѓаните ќе продолжат да ја плаќаат цената на ваквиот модел преку повисоки сметки за струја, поскапи горива и отсуство на вистинска заштита од монополите во енергетиката.
-Во таков систем, регулаторот не е брана, туку канал преку кој одлуките се пренесуваат директно на товар на народот.
Во тој контекст, Ацо Ристов е најновата потврда на истата пракса. Наместо прекин со партизацијата и враќање на кредибилитетот на институцијата, ДПМНЕ поставува кадар со длабоки политички и бизнис врски, во момент кога РКЕ има клучна улога во одредувањето на цените што директно го погодуваат секое домаќинство. Со ваков избор, не се враќа довербата туку се продлабочува недовербата.
Прашањето повеќе не е дали РКЕ е независна, туку до кој степен ќе продолжи да биде инструмент во рацете на политичко-бизнис структури. А додека одговорот е очигледен, граѓаните остануваат тие што ја плаќаат секоја последица од таквото управување, стои во партиското соопштение.