Левица ја обвини власта дека изгласала продолжување на мандатот на судиите со 2% доверба

од Nikola Popovski
97 прегледи

Левица утрово соопшти дека на вчерашната собраниска седница, владејачкото мнозинство во скратена постапка усвоило, како што велат, скандалозни измени на Законот за работни односи, кои ќе ја продлабочат очајната состојба во правосудството. Односно, според соопштението на Левица, со донесените измени се поместува старосната граница за пензија од 64 на 67 години за избраните и именуваните функционери, по нивно барање.

-Под изговор дека оваа потреба произлегува поради дефицитот на кадри во правосудството, ДПМНЕ дефакто ќе им го продолжи мандатот на нивните судии од “тефтерчето” за уште 3 години, а довербата во правната држава ќе продолжи да тоне. Лицемерието на власта е евидентно, која секојдневно обвинува дека судиите и обвинителите не си ја вршат својата работа. Наместо суштински реформи кои ќе ја зајакнат одговорноста на судиите и обвинителите (кои и сега уживаат силна правна заштита) – сведочиме зголемување на нивните привилегии.

При јасна недоверба во судството, власта на Мицкоски со ова докажува дека им го продолжува периодот за уживање на привилегиите од корумпираниот систем на избраните и именувани лица до навршени 67 години, порачаа од партијата на Димитар Апасиев.

Левица поднесе предлог-закон за кривична одговорност на судиите, бидејќи, како што велат, цениме дека огромната заштита која ја уживаат судиите е една од главните причини за силната корупција во правосудството.

Синоќа Собранието ги изгласа измените на Законот за работни односи, со кои лицата избрани или именувани од надлежен орган можат да продолжат да ја вршат својата функција по исполнување на условите на старосната граница, но не повеќе од 67 години. За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со тоа ќе се надмине дефицитот на судии и јавни обвинители, а за опозицијата предлогот е противуставен.

Слични содржини