Пратеникот од редовите на Левица, Борислав Крмов го критикуваше предлогот Африм Гаши да биде нов претседател на Собранието. Според него, нема голема разлика меѓу претходната и сегашната избрана власт.
-Гаши едвај се појавуваше на седници, нема искуство како координатор на комисии, четири години нема земено збор. Единствено што најдов на „Гугл“ е некоја кавга на Комисија во 2023 година со Арбер Адеми. Ќе видите дека ќе биде полош и од Талат Цафери. Не е свесен колку е одговорна позицијата што ја презема. Претседател на Собранието не е само пушење пури и пиење виски, кажа Крмов од собраниската говорница.
Со предлогот за Гаши за нов собраниски спикер, Крмов вели дека „влегуваме во бинационалност и излегуваме од сите рамки на државата“.
-По оваа логика треба да пише само дека е Албанец – етничкиот предзнак е најважен. Од политички аспект, исто така нема многу изјави во јавноста. Како и Талат Џафери, очекувам кршење на законите, сега под покровителство на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата на Мицкоски е со дури и 61 пратеник и тоа е апсолутна власт. Не мора да земат никој, но повторно имаме ситуација, исто како и СДСМ, да капитулираат на барањата на албанските партии. СДСМ и ВМРО се исти, но за среќа или за жал, ДПМНЕ има подобар ПР, кажа меѓу другото Крмов, критикувајќи и ја ВМРО-ДПМНЕ.