Левица ја повикува Владата да не глумат медијатори во процесот на преговори помеѓу работниците и работодавачите и итно да преземат чекори за зголемување на минималната плата

од Nikola Popovski
132 прегледи

Левица излезе со соопштение во кое порача дека бојкотот на маркетите го покажа народниот револт од бескорисните владини мерки. Според партијата, зголемувањето на профитот којшто го оствариле големите ланци на маркети само во период од околу една година е 40%. Ова дополнително го потврдува зголемувањето на минималната потрошувачка кошничка, која е недостижна за сѐ повеќе семејства.

Од партијата на Димитар Апасиев се децидни дека инфлацијата во последните две години достигна неверојатни 25%.

-Минималната плата за жал останува иста! Осумте месеци владеење на ДПМНЕ и ЗНАМ не доведоа до поголема економска стабилност. Статистиката потврдува дека нови 13.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата само поради инфлацијата на храната, што изминативе две години достигна 32,6%, критикуваат од Левица.

Затоа партијата наведува дека државата има должност да ги заштити ранливите и обезбеди достоинствен живот за работниците.

-Недозволиво е вработените за својата работа и труд да не добиваат месечен надоместок доволен за основните потреби. Затоа Левица го повикува Мицкоски заедно со Владата да не глумат медијатори во процесот на преговори помеѓу работниците и работодавачите и итно и неодложно преземат чекори за зголемување на минималната плата, согласно барањата на работниците и синдикатите, стои во партиското соопштение.

Дијалогот за повисока минимална плата ќе продолжи. Работниците бараат работодавците да се откажат од дел од профитот, бизнисот пак, трошоците за дел од приходите да ги покрие државата.

Нема договор за минималецот, но на Економскиот-социјален совет во фокус во пресметка на потрошувачката кошница да учествуваат синдикатите, Министерството за економија и Министерството за финансии. Во јануари во споредба со претходниот месец, потрошувачката кошница поскапела за 391 денари, додека во споредба со истиот период мината година за 100 евра.

ССМ ја креира синдикалната минимална кошница од 2010 година. Државните органи тогаш одлучија дека нема логика во нивните пресметки за тоа со колку пари може да се преживее во месецот.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов изјави дека на дијалогот, очигледно, „сите сакаат да станат синдикат“. Половина седница се зборувало за кошничката. Како што вели, укажувањата биле дека е потребно независно тело да пресметува. ССМ ова го прави за да покаже каде треба да се движат владините и политиките на работодавачите во поглед на зголемувањето на платите и колку е доволно.

–  И денеска ДЗС пресметува близу 230 производи во нивната кошница кои се далеку понереални, каде што опфаќа ананас, јагоди, бадеми или некои други егзотични овошја…Доколку разговорите преминат во фаза на докажувања дека можеме да преживееме со далеку помалку, може треба да се пресмета просечна кошница која ќе биде над 2000 евра и ќе ги отсликува реалните потреби на едно четиричлено домаќинство, кажа Трендафилов по седницата на Економскиот-социјален совет. Според него, ова се директни и координирани напади и веројатно ќе се трудат да го замолчат ССМ. Најави дека ќе продолжат да ја пресметуваат месечната кошница.

Слични содржини