Левица: Јаневска ги остави без превоз средношколците од Ресен – државата штеди на младите

Оние млади кои се уште не се иселиле - се принудени да патуваат со свој трошок или да живеат во средина опасна по нивното здравје и достоинство, обвинија од партијата на Апасиев

од Nikola Popovski
20 прегледи

Целосната неспособност и игнорантски однос на министерката за образование Весна Јаневска ги остави без превоз средношколците од Ресен на самиот почеток од учебната година, обвинија денеска од Левица. Според партијата, средношколците се извисени поради негрижа на МОН и за нив нема организиран ученички превоз до Битола и Охрид, а единствената „алтернатива“ што државата ја нуди е сместување во интернат со нехумани услови, кои се под секое достоинство.

-Учениците биле принудени да аплицираат за прием во интернатот, според строги критериуми за оценки и месечни приходи. Според небулозните правила на МОН, само доколку се одбиени, имаат право на надоместок за превоз, иако автобуски линии нема. Средношколците се присилно обврзани да живеат во интернат, дел од нив одбиле поради ужасните и несоодветни услови, како што е недостиг на вода, порачуваат од Левица.

Со оваа политика, додаваат од партијата, власта на ВМРО-ДПМНЕ практично ги казнува учениците што сакаат да се образуваат, ги става родителите под финансиски притисок и испраќа јасна порака дека образованието е привилегија за малкумина, а не право за сите.

-Наместо безбедни и достапни услови за образование, и оние млади кои се’ уште не се иселиле – се принудени да патуваат со свој трошок или да живеат во средина опасна по нивното здравје и достоинство.

Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски наместо да молчи пред срамот на неговата партија, должен е во најбрз рок да обезбеди превоз. Со оваа политика, каде владејачката елита штеди на образованието на младите, додека расипнички троши за нејзини привилегии – власта на ДПМНЕ им праќа порака на младите што побрзо да се иселат од држава која не се грижи за нивната иднина, стои во партиското соопштение.