Партијата Левица денеска обвини дека коалицијата ВЛЕН ја повампирува идејата на ДУИ за воведување на двојазични банкноти. Од опозицискиот субјект тврдат дека Владата на ДПМНЕ и ЗНАМ по којзнае кој пат „толерираат шовинистичка политика промовирана од сопствениот коалициски партнер“.
– Сецесионизмот за кој предупреди Левица е сосема очекуван по давањето заклетва на Конститутивната собраниска седница на албански јазик од спикерот Гаши. Со неподдржувањето на интерпелацијата поднесена од пратениците на Левица, ДПМНЕ само ја отвори вратата за анти-државни политики. Веднаш по ова следуваше барањето за паралелна албанска академија на науките и уметностите, за сега одново да дојдеме до барањето за двојазични банкноти, кажуваат од партијата на Димитар Апасиев.
Според Левица, незаштитувањето и несанкционирањето при удар врз уставниот поредок и унитарниот карактер на државата, не само што не ја спречува, туку и ја стимулира федерализација на државата.
-Затоа, Левица апелира државните институции да ги преземат неопходните дејствија против оние кои го нарушуваат уставниот поредок. Алармира дека национал-шовинистичките политики не донеле ништо добро во државата. Бараме секој од останатите политички чинители да се оградат и ја осудат анти-државната идеја на Касами и ВЛЕН. За потези кои го нарушуваат унитарниот карактер на државата, не смее да се дискутира, стои во партиското соопштение.
Градоначалникот на Тетово вчера во емисијата „Клик Плус“ рече дека еден од Законите кои мора да се промени е тој за Централна банка, односно за банкнотите да бидат и на албански јазик.
-Ако ДУИ се гордее што го донесе Законот за јазици и ја унапреди употребата на албанскиот јазик, тогаш еден од Законите кои треба да се смени е Законот за централна банка, за и банкнотите на оваа земја да бидат на албански јазик, изјави Касами.