Левица ќе достави фотографии до ДКСК за поврзаност меѓу Томовски и фирмата „Сити Аутсорсинг”

Левица ќе ги достави сите докази кои ги поседува за оваа, како што велат, контроверзна компанија, која, според нив, очигледно е параван за испумпување на државни пари за премиерот Христијан Мицкоски и неговите блиски соработници

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Фејсбук

Бидејќи директорот на СОЗР Ивица Томовски одбива да одговори дали управителот на компанијата „Сити Аутсорсинг” е негов личен пријател, партијата Левица соопшти дека ќе достави фотографии до Антикорупциската комисија, која отвори предмет за овој случај.

Според партијата, во оваа компанија која добила 5 милиони евра државни пари во тендери, како управител е заведено лице кое има бројни заеднички фотографии токму со Томовски, што ја потврдува поврзаноста на директорот на СОЗР.

-Заедничките фотографии ја отвораат дилемата дали управителот само формално фигурира во оваа компанија, која претходно беше во сопственост на семејството на Томовски?!

Потсетуваме дека името на компанијата „Сити Аутсорсинг”  претходно гласеше „Сити Логистик”. Како „Сити Логистик”, компанијата добила тендери од 60.000 евра со потпис на Мицкоски, кога тој беше директор на ЕЛЕМ. Јавното обвинителство мора да отвори истрага како фирма каде управител бил Томовски, а Мицкоски делел тендери – сега добива 5 милиони евра државни пари?!, прашуваат од партијата на Димитар Апасиев.

Левица ќе ги достави сите докази кои ги поседува за оваа, како што велат, контроверзна компанија, која, според нив, очигледно е параван за испумпување на државни пари за премиерот Христијан Мицкоски и неговите блиски соработници.

-За Левица е скандалозно што ОЈО не отвора ниту една постапка за компаниите каде се инволвирани соработниците на премиерот, што укажува дека апсолутистичкиот режим на ДПМНЕ целосно го има заробено правосудниот систем за да нема одговорност за нивните криминали, стои во партиското соопштение.

Томовски претходно објави дека тој не е сопственик на фирмата и оти нема никаква директна врска со споменатата компанија и најави тужба против СДСМ.