Левица: Лимани го затвори единствениот Центар за деца од улица во Шуто Оризари

од Даниел Ѓорѓиевски
27 прегледи

Дневниот центар во Шуто Оризари, кој речиси две децении згрижува деца од улица, се соочува со затворање откако Министерството за труд и социјална политика ја прекина финансиската помош, алармираат од партијата Левица.

„Ова е скандалозен потег на министерот Фатмир Лимани! Поради оваа одлука, околу 100 деца кои го посетуваат Центарот ризикуваат да се вратат на улица, каде повторно ќе бидат приморани да питачат. Државата ги остава без единствениот оброк што го добиваат во денот, без социјална поддршка и едукација“, велат од Левица.

Од партијата посочуваат дека наместо да се зголеми помошта за најзагрозените категории, Владата на Христијан Мицкоски и неговите коалициски партнери крати средства од најранливите.

„Ова е нехуман и крајно срамен потег. Додека милиони евра се враќаат кај најбогатите газди, Владата нема средства за децата кои живеат во екстремна сиромаштија. Повикуваме министерот Лимани веднаш да ја повлече оваа одлука – или ако не е способен да ги менаџира социјалните процеси, да си поднесе оставка!“, додадоа од Левица.

Во Македонија постојат само два вакви дневни центри за деца од улица, што и онака е недоволно. Без финансиска помош од државата, нивната работа станува невозможна, потенцираат од партијата.

Слични содржини