Левица денеска соопшти дека вчерашниот насилен упад во студиото на Инфомакс и во дом на новинар, како и физичкиот напад и заканите по живот кон редакцијата на Инфомакс – претставува уште еден алармантен доказ за мисловниот и морален амбиент што го создава власта на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, овој упад, и физичка пресметка со новинари е симбол на владеење кое се плаши од слободен збор и од неконтролирано јавно мислење.
-Симбол на партија што ја губи контролата и самодовербата, па бара спас во кукавици скриени зад анонимни насилници. Ова е вмровската “политичка култура” што повеќе личи на мафијашка логика отколку на демократско владеење. Насилното упаѓање во студио среде емисија во живо, е огледало на политичкиот поредок кој го градат Мицкоски и неговиот круг. Тоа е поредок во кој слабоста се прикрива со агресија, а празнината со театрални испади, истакнуваат од Левица.
Но, колку повеќе власта сака да изгледа силна, толку повеќе покажува колку е уплашена.
Нашата порака е Христијан Мицкоски да си ги собере пајташите и да престане да ги пушта насилничките продолжени раце да му го поправаат рејтингот, порачуваат од Левица.
-Неслободата, режимот почнува онаму каде што насилниците се чувствуваат охрабрени, а критичарите и слободоумните – небезбедни. И токму такво општество се обидува да изгради оваа власт, додаваат од партијата на Апасиев.