Вчера во Собранието се одржа значајна надзорна расправа посветена на аерозагадувањето, со учество на граѓански организации, експерти и некои претставници на институциите, на иницијатива на Левица. Од партијата велат дека оваа расправа беше важен чекор кон барање на соодветни решенија за еден од најголемите еколошки проблеми во земјата.
Свои излагања имаа активисти од „Еко свест“, „Грин Пауер“ и „О2 Иницијатива“, како и правници кои укажаа на недостатокот од стратешки документи за справување со загадувањето. Присутните нагласиле дека постои сериозен институционален јаз, односно дека обвинителството и судовите слабо постапуваат во случаи на еколошки криминал, а политичката одговорност за оваа состојба речиси и да не постои.
-Еден од клучните проблеми што беа посочени е неконтролираниот увоз и користење на загадувачки горива, за што институциите немаат доволно капацитет за надзор. Во таа насока, беше нагласена итната потреба од донесување Закон за контрола на индустриските емисии и Протокол за контрола на горивата, како суштински алатки за подобрување на квалитетот на воздухот, истакнуваат од Левица.
Иако биле поканети, клучните владини претставници, меѓу кои и премиерот и министерот за животна средина, не присуствувале на расправата, што, според Левица, остава впечаток на игнорирање на проблемот.
-Со ова се потврди неспособноста, незаинтересираноста и сервилноста на владејачките елити пред крупниот капитал. Додека народот се гуши во загаден воздух, клучните носители на власт – премиерот Мицкоски, министерот Меџити и неговата заменичка Лашоска – не најдоа за потребно ни да се појават. Сепак, расправата заврши со конкретни препораки што ќе бидат преточени во заклучоци кои институциите би требале да ги спроведат, истакнаа од партијата на Димитар Апасиев.