„Се чини дека најголем поборник за Биљал Касами да биде повторно градоначалник е раководството на ДПМНЕ на чело со Мицкоски. Со своите изјави и одлуки, Мицкоски ги злоупотребува симпатизерите на партијата, принудувајќи ги масовно да гласаат за кандидат чија политичка агенда е спротивна на унитарниот карактер на Република Македонија“ – вака обвинуваат претпладнево од Левица преку соопштение.
Според партијата, ВМРО-ДПМНЕ не само што од позиција на власт не успеа да ги, како што велат, заштити македонските државни и национални интереси – тие сега активно учествуваат и во сценариото за федерализација на државата, токму како што посакуваат ДУИ, ВРЕДИ и Касами со изјавата за „Македонија да биде втора албанска држава”.
-Последната средба на Касами со Шпетим Положани (предводник на иницијатива за федерализација на Македонија, којшто во 2017 година јавно изјави дека „Албанците се 50% од Македонија и треба да одлучат дали државата ќе постои или не“), е скандалозна потврда на неговата политичка ориентација.
Мицкоски, со своето молчење пред скандалите на ВРЕДИ и тајно договарање, се претвора во најголем сојузник на овие антимакедонски политики. Наместо да биде бранител на македонските национални интереси, ДПМНЕ станува нивен егзекутор на терен – мобилизирајќи сопствени гласачи и симпатизери за кандидат којшто мрази сѐ што е македонско, порачуваат од партијата на Димитар Апасиев.
Левица ги повикува членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да не подлегнуваат на партиските притисоци и недостоинствени директиви од Белата палата и да застанат зад нивниот кандидат за градоначалник на Тетово, Катка Божиновска.
-Време е Тетово конечно да добие градоначалник кој ќе работи за сите жители, без етнички фаворизирања. Ова е моментот граѓаните да ја исчистат политичката сцена од оние кои владеат со поделби и ја користат општината како личен банкомат, истакнуваат од Левица.