Левица: Мицкоски со џемпери од 2.000 евра смета дека барањата за зголемување на минималецот се нелегитимни

„Кога носител на највисоката извршна функција, држи лекции за нереалноста на барањата за повисоки примања на работниците, тоа е отворена демонстрација на класна ароганција“, порачуваат од Левица

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Левица

Партијата Левица го осудува, како што вели, циничниот и арогантен настап на премиерот Христијан Мицкоски со кој легитимните синдикални барања за зголемување на минималната плата се дискредитираат како „политичка агенда“, а, како што додаваат, реалната сиромаштија на стотици илјади семејства се релативизира.

-Кога носител на највисоката извршна функција, човек кој јавно и бесрамно демонстрира луксуз, држи лекции за нереалноста на барањата за повисоки примања на работниците, тоа е отворена демонстрација на класна ароганција и целосна отуѓеност од реалноста во која живее мнозинството граѓани, соопштуваат од Левица и додаваат дека фактите се немилосрдни.

-Македонија има најниска минимална плата во регионот, 73% од вработените земаат плата под просечната; секој трет работник преживува со помалку од 30.000 денари месечно. Во исто време, минималните трошоци на четиричлено семејство веќе надминуваат 66.000 денари и континуирано растат, додека инфлацијата ја еродира куповната моќ и ги поништува и законските номинални корекции на платите.

Наместо да преземе одговорност и да води активна политика за заштита на трудот, Владата на ДПМНЕ избира да ги стигматизира синдикатите и да ја криминализира нивната улога. Оваа реторика е опасна и има за цел да го замолчи организираниот труд и да ја прикаже борбата за егзистенција како „партиска интрига“, со што се удира директно по уставно загарантираното право на здружување и колективно дејствување, истакнуваат од Левица.

Од таборот на Димитар Апасиев наведуваат дека државата сведочи за масовна работна емиграција.

-Над 50.000 граѓани работат во странство додека власта најавува увоз на евтина работна сила, наместо да создаде услови за достоинствени плати. Во таков контекст, тврдењата за „трета економска сила во Европа“ се пропагандна фикција што грубо ја навредува секоја фамилија која пресметува дали ќе може да ги покрие основните трошоци до крајот на месецот.

Позицијата на ДПМНЕ е јасна и класно обележана – приоритет имаат интересите на крупниот капитал и нивниот луксуз а не трудот. Тоа е длабоко десничарска, антисоцијална политика! Да се брани статус-квото на ниски плати, да се делегитимираат синдикатите и да се претвори правото на достоинствен живот во предмет на политичка дискредитација. Барањето за повисока минимална плата е елементарно прашање на човечко достоинство. Сè друго е свесен обид да се зачува систем во кој малцинството живее во раскош, а мнозинството во несигурност и сиромаштија, стои во соопштението од Левица.