Левица денеска преку соопштение обвини дека на 25 март, Министерството за внатрешни работи склучило скандалозен тендер во вредност од 575.000 евра со компанијата „Дон Холдинг“, фирма која во минатото, како што велат од партијата, ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваше за коруптивни тендери. Според Левица, токму за оваа компанија, додека беше во опозиција, најголемата владеачка партија обзнани скандал дека претходното раководство на МВР на чело со Оливер Спасовски незаконски доделило исти ваков тендер, иако компанијата не ги исполнувала критериумите.
-За оваа компанија, ДПМНЕ на пресови обвинуваше дека поради блискоста со поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров од СДС, „Дон Холдинг” добива тендери од Оливер Спасовски и повикуваше обвинителството да отвори постапка. Наместо МВР под Панче Тошковски да ги истражи скандалозно доделените тендери од СДС на оваа компанија, сега сведочиме дека неговото министерство повторно ги склучува истите сомнителни тендери со „Дон Холдинг“, порачаа од партијата на Димитар Апасиев.
Оттаму прашуваат како истата компанија која била обвинувана од ВМРО-ДПМНЕ за криминоген скандал и блиска до СДСМ, сега е подобна за минитерот Тошковски да ѝ додели тендер од 575.000 евра?
-Наместо расчистување на криминалите на СДС и ДУИ, фирмите кои добивале тендери од претходната власт, продолжуваат да бидат бизнис-партнери и на новата влада на Мицкоски. Истиот случај како со криминалниот проект на „Бехтел и Енка”, чии закони Левица ги блокираше, а сега сведочиме како владата на ДПМНЕ го зацементира овој проект, без да поведе никаква ревизија како што најавуваше. Наместо расветлување на криминалите од минатото, ДПМНЕ ги продолжува контроверзните зделки на СДС и ДУИ, овој пат директно од министерството на Тошковски. Левица јавно го прашува Тошковски: дали е политичко лешинарење делење тендери на компанија за која неговата партија обзнанувала криминални скандали и барало истрага за истите?, стои во партиското соопштение.
Mинатата недела не помина интерпелацијата на Тошковски во Собранието, а тој останува министер за внатрешни работи. Само 20 пратеници гласаа „за“, а 72 гласаа „против, а немаше „воздржани“. Беше поднесена токму од пратениците на Левица. Против министерот беше поднесена интерпелација и во јануари заедно со уште четири интерпелации на владини министри. Тогаш интерпелациите ги поднесе Европскиот фронт предводен од ДУИ.