Левица на средба со Комунистичката партија на Кина: „Чекор кон продлабочување на братските односи“

од Nikola Popovski
83 прегледи

Левица утрово соопшти дека во духот на меѓународна солидарност и заедничките идеали, висока делегација на Централниот Комитет на Комунистичката партија на Кина (КПК), предводена од заменик-министерот за надворешни работи Чен Џоу, ја посетиле централната канцеларија на партијата во Скопје. Оттаму велат дека во рамките на посетата, во срдечна и другарска атмосфера била остварена и работна средба помеѓу президиумот на Партијата, на чело со Димитар Апасиев и кинеските претставници, при што во фокус била размената на искуствата и идеолошкото зајакнување на меѓусебната соработка.

-Делегацијата на КПК беше запознаена и со структурата и активностите на Левица, нејзиниот историјат и долгорочната визија за Партијата, но и за Република Македонија.

Оваа важна официјална средба отвора врати за идна стратешка соработка и нагласуваме дека посетата претставува значаен чекор кон продлабочување на братските односи со Комунистичката партија на Кина и кинескиот народ, врз основа на взаемно почитување, еднаквост и заеднички визии за иднината. Остануваме посветени кон унапредување на дијалогот, интернационализмот и солидарноста помеѓу сите народи на светот, што е суштински дел од нашата надворешно-политичка стратегија во услови на еден Нов мултиполарен свет, стои во соопштението на Левица.

Според портпаролот на Левица и пратеник, Амар Мециновииќ, како сестрински партии кои целат кон взаемна почит и солидарност помеѓу нашите народи, задоволство било прв пат да бидат домаќини на, како што вели, другарите од КПК.

-Идеолошки, прагматски и теми за полиња на соработка беа меѓу работите кои ги дискутиравме, за со обновен ентузијазам да го завршиме состанокот со делегацијата предводена од другарот заменик-министер Џоу, истакнал пратеникот на Левица.

Чоу и кинеската делегација денеска ќе остварат средби и во Собранието со пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, како и со потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска.

Слични содржини