Левица најави интерпелација за членка на ДКСК поради сомнежи за конфликт на интереси

Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави поднесување интерпелација за членката на Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска. Како што соопштија од Левица, иницијативата следува по, како што наведуваат, низа скандали поврзани со Ристовска, дел од кои партијата ги обелоденила во изминатите денови.

од desk4
8 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави поднесување интерпелација за членката на Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска. Како што соопштија од Левица, иницијативата следува по, како што наведуваат, низа скандали поврзани со Ристовска, дел од кои партијата ги обелоденила во изминатите денови.

Крмов изјави дека во анкетниот лист што Ристовска го поднела во 2024 година при стапување на функцијата не биле пријавени две фирми на нејзините деца „Буcт ДООЕЛ“ и „Буcт Медиа ДООЕЛ“. Според него, токму овие фирми за време на претседателската изборна кампања добиле околу 2,2 милиони денари од ВМРО – ДПМНЕ.

Крмов посочи дека претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, ја бранел Ристовска со аргумент дека законот не ја обврзува да ги пријави фирмите на децата бидејќи, како што било наведено, таа не живеела со нив. Ова објаснување, според Крмов, е контрадикторно, бидејќи во истиот анкетен лист бил пријавен друг имот на нејзините синови, но не и фирмите, што, како што вели, отвора сомнеж за свесно изоставување.

„Или Ристовска не го познава законот, или децата фактички живеат со неа. Во двата случаи таа имала обврска да ги пријави фирмите, а нивното изоставување отвора сомнеж за директен конфликт на интереси, особено кога станува збор за средства добиени од најголемата владејачка партија“, изјави Крмов.

Тој потсети и на, како што рече, други случаи во кои ДКСК не реагирала или постапките биле заташкани, а се однесуваат на функционери поврзани со ВМРО – ДПМНЕ. Како пример го наведе случајот со директорот на Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, поврзан со фирмата „Сити Аутсорсинг“, претходно „Сити Логистик“, основана од неговиот татко, која, според Левица, добила државни тендери во вредност од околу 5,3 милиони евра.

Крмов се осврна и на случајот со директорот на Агенција за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, каде што, според наводите, постоеле сомнежи за фалсификувана диплома и невалиден ТОЕФЛ сертификат. Тој истакна дека Ристовска била поврзувана со истиот приватен универзитет на кој, наводно, студирал Христовски, како и дека предметот поврзан со овие сомнежи на крајот завршил кај неа.

„Интересно е што предметите за високи функционери, блиски до ВМРО – ДПМНЕ, секогаш завршуваат токму кај Цвета Ристовска“, изјави Крмов.