Левица информира дека вчера се одржала 28-та редовна сесија на Централниот комитет на партијата, на која биле донесени стратешки одлуки во пресрет на претстојните локални избори 2025. Сесијата започнала со едноминутен молк за жртвите во трагедијата во Кочани.
Во соопштението од партијата стои дека во духот на демократскиот централизам и борбеноста, оваа сесија ја зацврсти позицијата на Левица како единствена автентична и непоколеблива опозициска сила во државата.
-На сесијата на ЦК едногласно беше верификуван актуелниот пратеник м-р Сашко Јанчев како нов член на Президиумот на Левица. Во своето обраќање, Јанчев истакна дека народот е алергичен на корумпираните политички елити кои со децении ја злоупотребуваат државата за лични криминални интереси. Властите пробаа сѐ за да ја подјармат Левица – со притисоци, спинови и пари, но не успеаја! Токму тоа, нивниот неуспех да ја направат Левица како нив, е она што најмногу ги плаши, истакнуваат од партијата.
Се додава дека Централниот комитет усвои политичка рамка за дејствување во наредниот период, со фокус на есенските локални избори, како фронт за, како што наведуваат, жестока пресметка со режимскиот апарат.
-Во услови на постојана репресија, изборен инженеринг и клиентелистички октопод кој го гуши секој обид за народна еманципација – Левица ќе настапи бескомпромисно, чесно и организирано, како глас на обесправените и бастион на некорумпираноста. Времето на калкуланти, опуртинисти, предавници и квазиопозиционери заврши. Борбата продолжува – на улиците, во институциите и на изборните полиња. Со народот, за народот, велат од партијата на Димитар Апасиев.