Левица: Наместо топли оброци, корисниците на „народните кујни“ добиваат паштети, нарезок и сокчиња

„Додека државата плаќа 239 денари по оброк за најранливите категории граѓани, или 1,5 милиони евра за 375.000 оброци годишно, реалноста откри срамна и понижувачка слика“, порачуваат од опозициската партија

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Центар за граѓански комуникации

Левица обвинува дека додека државата плаќа 239 денари по оброк за најранливите категории граѓани, или 1,5 милиони евра за 375.000 оброци годишно, реалноста откри срамна и понижувачка слика каде наместо топли оброци корисниците на „народните кујни“ добиваат суви оброци, паштети, нарезок и сокчиња што не одговара на договореното мени меѓу државата и „Парти сервис лео“, фирма која го добила тендерот. Според партијата, ова отвара сериозни сомнежи за злоупотреба на државни средства и целосен распад на системот на социјална заштита.

-Теренските проверки и наодите на Центарот за граѓански комуникации укажуваат дека договореното мени не се почитува. Наместо разновидни оброци со месо, риба или вариво се делат оброци кои воопшто не се предвидени, а во одредени случаи и суви пакети со леб, паштети и сок.

Дополнително загрижува фактот што според истражувањето и сведочењето на корисниците храната често е со слаб квалитет, не е топла и нема вкус па затоа останува и неизедена. Уште попонижувачки е начинот на дистрибуција.

Храната се дели на улица од комбиња, наместо во соодветни простории што претставува понижување за најранливата катергорија граѓани, порачуваат од партијата.

Според Левица, сериозни сомнежи отвара и големата разлика во цените на храната во различни градови. Додаваат дека во Скопје оброкот чини 239 денари, додека во Тетово истиот се обезбедува за 105 денари преку јавна институција.

-Останува прашањето каде завршуваат над 130 денари разлика по оброк и кој профитира од оваа несразмерност.

Целиот процес е дополнително компромитиран со фактот дека тендерот бил поништуван двапати, а станува збор за прва ваква набавка спроведена од Министерство за социјална политика, демографија и млади. Иако договорот дозволува измени во менито истите можат да се направат исклучиво во договор со министерството за што досега нема соодветни докази дека е испочитувано. И покрај очигледните докази од терен од Министерството тврдат дека сѐ е согласно договорот, дека се прават ротации во менито и дека нема официјално поднесени поплаки.

Иако, на хартија, државата зборува за „народни кујни“ како симбол на грижа и солидарност, реалноста покажува спротивна, срамна и понижувачка слика. Наместо функционални и достоинствени простори, тие се запуштени или целосно ставени вон употреба. Ваквиот пристап не само што не ги задоволува основните потреби на граѓаните, туку придонесува и за нивна дополнителна стигматизација. Ова не претставува социјална политика, туку пример на институционализирана понижувачка сиромаштија, нагласуваат од таборот на Димитар Апасиев.

Левица бара итна и целосна ревизија на договорот со „Парти сервис лео“, објавување на сите извештаи и контроли од страна на Министерство, како и утврдување на кривична одговорност доколку се потврдат злоупотреби.

Слични содржини