Левица го критикува министерот Панче Тошковски поради тоа што ја обвини опозицијата дека го организирала протестниот „Марш за ангелите“ на родителите на настраданите од кочанската трагедија. Според Левица, Тошковски посегнува по евтини политички манипулации.
„Имено, едно од клучните прашања кое остана неодговорено е зошто оперативната акција кобната вечер започнала дури во 2:30 часот?! Дел од информациите се дека таа вечер имало насока од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) за оперативна акција низ повеќе дискотеки во Македонија од 1 часот. Но, одговорните лица за територијата на Кочани одлучиле прво да вршат рација во кафич во населбата Оризари, наместо веднаш да се упатат кон дискотеката каде имало високофреквентен настан, со присутни млади од повеќе градови во Македонија“, прашаа од Левица.
Според партијата на Димитар Апасиев, јавноста оправдано бара одговори за огромната трагедија која настана поради низа системски пропусти, но, како што велат министерот Тошковски наместо професионално известување, шири лажни тези за манипулација, со цел да го угуши оправданиот револт“.
Оттаму додаваат дека се скандалозни, навредливи и дегутантни изјавите на Тошковски дека и протестите на семејствата биле организирани од опозицијата.
„Министерот Тошковски треба да се запраша: зошто овие луѓе немаат доверба во институциите? Обидите за дискредитација на родителите и нивната болка се врв на политичка безобразност“, потенцираат од Левица.
Тошковски изрази сомнеж во искреноста на протестите што се одржаа во Скопје по повод трагедијата во Кочани. Тој тврди дека родителите на загинатите биле “организирани” од страна на опозицијата, без да прецизира кој конкретно. Според Тошковски, протестот бил поврзан со денот кога Собранието расправаше за интерпелацијата за неговата работа, и дека дел од учесниците не знаеле дека се одржува интерпелација за министерот.
Во „Вечерното шоу на Богдан Илиевски“, Тошковски истакна дека таквото дејствување е обид за политички профит на сметка на трагедијата и го нарече опозицијата “политички лешинари“.
На оваа изјава реагираше мајката на еден од загинатите, која на социјалните мрежи напиша: „Зошто кога бевме кај него, не нѐ праша дали сме организирани од опозицијата?“ Со ова прашање, таа ги критикуваше тврдењата на министерот, упатувајќи дека изјавата беше навредлива за родителите кои минале низ голема трагедија.
На протестот кој во вторникот се одржа во Скопје, дел од родителите разговараа со државниот обвинител Коцевски. Обвинителскиот тим ги уверил дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. Пред Собранието имаа средба со неколку пратеници, а во МВР имаа средба со Тошковски.
Јавниот обвинител Коцевски вели дека истрагата за Кочани мора да заврши до средината на јуни. Во пожарот на 16-ти март настрадаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.