Левица не добила официјална покана за преговори за влада, главна цел им е „македонската платформа“

од Nikola Popovski
292 прегледи

Партијата Левица не добила никаква официјална покана од ВМРО-ДПМНЕ за евентуални разговори за приклучување во новата Влада. Ова денеска го истакна генералната секретарка на Левица и носителка во ИЕ5, Јована Мојсоска.

-Официјално уште ништо немаме добиено. Во јавноста имавме „македонска платформа“ за која сме спремни да преговараме. Слушнав изјава од некој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека имало понудено рака до Левица, но ние сме ја одбиле. Таква понуда не сме добиле. За нас не ни значи тој мораториум на напади од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме тука за да поддржиме црвени линии и кога доаѓаат уцени од различни блокови, кажа Мојсоска во емисијата „Студио 10“.

На прашањето дали наскоро можеме да ја видиме Левица како дел од власта, генсекот истакна дека „ништо не би одбила од аспект дека имаат нивна платформа“.

-Целта на Левица е да се биде дел од власта, но ние си имаме наша платформа и доколку ја прифатат…, додаде членката на Левица која треба да биде нова пратеничка.

Партијата на Димитар Апасиев освои шест пратенички мандати на парламентарните избори, односно вкупно 68.663 гласови.

Платформата на партијата би имала пет главни точки: унитарност (надминување на консоцијацискиот бинационален модел на држава), oрганизирање на Македонија во една изборна единица и забрана на чисто етнички партии; распуштање на историската комисија и цврсто не за внесување на Бугарите во Уставот, строго одделување на верските заедници и религиозни групи од државата и нивно одданочување; и контрола и надзор над правилната употреба на државните симболи (грбот, знамето и химната) од страна на државните органи, општините и приватните субјекти при сите прослави и манифестации.

Слични содржини