Левица: Не може да се каже дека Македонија извлече поуки од трагедијата во Кочани

„Жртвите од Кочани заслужуваат правда, а Македонија заслужува систем што ќе ги штити животите на граѓаните, наместо да ги оплакува неговите последици“, велат од опозициската партија

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Локално

Партијата Левица апелира годишнините од вакви трагедии како кочанската не смеат да бидат само момент на сеќавање. Од партијата бараат да бидат и момент на совест и потсетник дека трагедијата во Кочани не беше обичен несреќен случај, туку последица на систем во кој корупцијата, институционалната негрижа и непочитувањето на правилата станале опасна норма.

„Една година подоцна, за жал, Македонија не може да каже дека извлекла вистински поуки. Не се спроведени суштински системски реформи. Не се направени ниту законски измени во областите каде што беа јасно детектирани пропустите. Надзорната расправа која требаше да ја отвори целата одговорност пред јавноста сè уште не е организирана. Наместо сериозен институционален рез, сведоци сме на продолжување на истиот модел на одложување, релативизирање и политичко тактизирање. Во таква атмосфера, трагедијата во Кочани останува и силен потсетник дека системот кој ја дозволи таа катастрофа сè уште не е суштински променет. Кога корупцијата продолжува да цути, институциите избегнуваат одговорност, а реформите се одложуваат, се создава чувство на неправда и безизлезност што сè повеќе ги оттурнува младите луѓе од сопствената држава“, порачуваат од Левица.

Токму затоа, според партијата, сеќавањето на Кочани мора да биде повеќе од комеморација.

„Тоа мора да биде постојано барање за одговорност, расчистување со коруптивните практики и изградба на систем во кој безбедноста и животот на граѓаните ќе бидат апсолутен приоритет.

Жртвите од Кочани заслужуваат правда, а Македонија заслужува систем што ќе ги штити животите на граѓаните, наместо да ги оплакува неговите последици.

Оние што ги изгубивме никогаш нема да бидат само бројка во една трагедија. На повредените им посакуваме целосно закрепнување и сила со денови во кои болката ќе се повлекува, а местото ќе го заземаат нови почетоци“, нагласуваат од Левица.