Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје ја информира јавноста дека не се точни наводите објавени во дел од медиумите, според кои Буџетот на Град Скопје за 2026 година бил усвоен едногласно. Наведуваат дека советниците од редовите на Левица не го поддржале и не го гласале предложениот Буџет за 2026 година, поради сериозни концепциски, програмски и суштински недостатоци.
Според Левица, буџетот не нуди суштински одговор на клучните проблеми на градот, не содржи системски мерки за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, oтстапува дури и од предизборната програма на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, со што се потврдува континуитетот на политики без јасна визија и одговорност.
-Поради сето наведено, Левица принципиелно одби да даде поддршка на буџет кој не претставува развоен документ, туку продолжение на постојните слабости во управувањето со Град Скопје. Ги повикуваме медиумите да информираат точно и одговорно, а јавноста да биде свесна дека постои јасна и аргументирана опозиција на ваквиот начин на буџетирање, порачаа од советниците на Левица во Советот на Град Скопје и дополнуваат дека за Буџетот гласале советниците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ВЛЕН , ДУИ и советникот Ристо Пенов.
Со 29 гласа „за“ Советот на Град Скопје вчера го усвои Буџетот за 2026 година, иако градоначалникот Орце Ѓорѓиевски синоќа информираше дека Буџетот бил усвоен едногласно. Останатите советници кои беа во салата воопшто не гласаа.