Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ поднесе законски измени за ограничување на патните трошоци на пратениците. Според него, неодговорното однесување на функционерите и нивните привилегии мора да запрат. Левица бара кратење на привилегиите, почнувајќи со сумите за патните трошоци.
Мециновиќ преку прес-конференција истакна декa како парламентарна партија предлагаат патните трошоци да се пресметуваат спрема пазарната цена – на 6,5 литри на секои изминати 100 километри.
-Со овој предлог се нуди далеку порационално и поприфатливо решение. За нас одговара и нивното целосно укинување, но, за да биде прифатливо за мнозинството, го предлагаме во оваа форма. Само Левица се бори за интересите на народот, кажа пратеникот.
Мециновиќ информира и дека народните избраници во моментов земаат пари за амортизација, патарини, односно како што вели, „како да возат на керонин, а не на бензин“.
-Со интервенција во законот за пратеници треба да се поднесе само 6,5 литри по пазарна цена на 100 километри. Ниту амортизации, ниту други цифри. Ние (Левица) не земаме патни трошоци затоа што сметаме дека платите на функционерите се доволно големи за да ги покријат овие трошоци, истакна пратеникот, додавајќи дека овој предлог-закон не се однесува на кириите на пратениците.
Претходно од Левица информираа дека за удобното патување на претставниците во Законодавниот дом, во изминатата 2024 година се поторшени 300 илјади евра, што е за 20 илјади евра повеќе во споредба со 2023 година.