Левица денеска објави шема на тендер каде директно се инволвирани фирми на обвинети во случајот „Делчевски ниви“. Според партијата, фирма на едно од обвинетите лица добила тендер од МРТВ, каде што, како што велат, на висока позиција се наоѓа негов бизнис партнер кој е исто така обвинет во истиот предмет.
-Во случајот „Делчевски ниви”, две лица (покрај останатите) се јавуваат како обвинети: Дарко Ќурчиски и Орце Тодоровски. Токму лицето Дарко Ќурчиски, преку фирмата „АЛ ДАРИВ Дооел Пехчево” во 2023 година добива тендер од 600.000 денари за набавка на прозори од МРТВ. Скандалозното е што во МРТВ долги години на високи позиции фигурира Орце Тодоровски, кој со Ќурчиски се заедно обвинети во случајот „Делчевски ниви”. За силните партиски врски говори и фактот што токму Орце Тодоровски е и поранешен партнер во бизнисот со хидроцентрали со Мицкоски, посочуваат од Левица.
Дополнително, додаваат од партијата, освен што ги поврзува контроверзната препродажба на ниви, Дарко Ќурчиски и Орце Тодоровски заеднички ја поседуваат бензиската пумпа „ОИЛ ДЕ” во Делчево. Се посочува дека јавниот сервис МРТВ – каде на високи раководни позиции фигурира Орце Тодоровски – дели тендер на неговиот бизнис партнер Дарко Ќурчиски.
-Дали обвинителството, за кое министерот Тошковски не штеди пофални зборови, има намера да поведе постапка за судирот на интереси и влијание при делење тендери меѓу двајца бизнис партнери?! Со јавниот сервис МРТВ раководи директорот Марјан Цветковски, поставен уште далечната 2012 година, при владеењето на Груевски. Како никоја друга институција, се чини дека партиските корени пуштени во радиодифузниот сервис не можат да се искоренат цели 13 години.
Случајот „Делчевски ниви” пропадна под сомнителни околности, со промена на исказ на повереникот во ЕВН, за кој во јавноста се шпекулираше дека е поставен токму од СДС. Односно, и овој коруптивен скандал остана нерасчистен поради очигледни договори помеѓу двете криминални партии – ДПМНЕ и СДС. Се чини дека обвинетите лица во „Делчевски ниви”, кои важат за блиски до Мицкоски, шемата за цедење државни пари успешно ја пресликуваат и во јавниот сервис. За министерот Тошковски правдата е слепа кога треба да се истражуваат фирмите и лицата блиски до Мицкоски, па затоа ниту една институција не се осмелува да го расветли криминалот во МРТВ, каде раководат партиски послушници од неговата партија, порачуваат од партијата на Димитар Апасиев преку соопштение.
Уште претходно Левица прашуваше зошто паралелно со разгледувањето на кандидатите за Програмскиот совет на МРТ не се распишува јавен конкурс и за избор на нов генерален директор на националниот телевизија. Левица смета дека оваа состојба отвора сомнежи за можно политичко и лично влијание во управувањето со јавниот сервис, при што се користат правни сиви зони за одржување на статус кво. Од партијата најавуваат прес-конференции на кои ќе бидат изнесени дополнителни информации за работењето на МРТ, потенцијални злоупотреби и кршење на работнички права во оваа институција.