Левица обвинува за нов скандал во ЕСМ: Фирма од Косово осудена за криминал со токсичен мазут ќе го снабдува РЕК Битола

„Додека поранешниот директор на ЕСМ, Ковачевски е во бегство токму поради криминални зделки при набавки на мазут, криминалот во ЕСМ продолжува и со кадрите поставени од Мицкоски“, порачуваат од опозициската партија

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук/Димитар Апасиев

„Најновиот тендер на ЕСМ за увоз на јаглен – во вредност од 7 милиони евра – го доби контроверзна фирма од Косово со криминално минато. Имено, директорот на ЕСМ, Лазо Узунчев, склучи договор за јавна набавка со компанијата „ХИБ Петрол Груп”, чиј сопственик во 2014 година бил правосилно осуден на четири години затвор и парична казна, затоа што испорачувал мазут со околу 80% повисоко ниво на сулфур од дозволеното, што е енормно штетно за здравјето на луѓето и животната средина“, обвинија денеска од партијата Левица.

Според опозицијата, компанија која е осудена за тешки дела против здравјето на луѓето (со продажба на токсичен мазут) сега ќе треба да обезбеди 150.000 тони јаглен за РЕК Битола. Од партијата на Димитар Апасиев порачуваат дека „делењето тендери на фирми со криминално минато стана пракса откако ЕСМ е раководено од директорот Узунчев, кој без никаква експертиза и искуство во енергетскиот сектор беше поставен да го води ова значајно државно претпријатие – само заради личните односи со премиерот Христијан Мицкоски“. Се нагласува дека Левица и претходно алармираше дека ЕСМ дели тендери на фирми кои се под истрага за криминал, како што беше договорот за јавна набавка со компанијата „Руд Коп”, која е под истрага за криминал од 3 милиони евра.

-Ваквото расипничко менаџирање го зголемува долгот на ЕСМ, од што најмногу зависи цената на струјата која ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи – а резултатот е македонските граѓани да плаќаат најскапи сметки за струја во регионот. Додека поранешниот директор на ЕСМ – Васко Ковачевски е во бегство токму поради криминални зделки при набавки на мазут, криминалот во ЕСМ продолжува и со кадрите поставени од Мицкоски.

Левица апелира финансиската полиција сериозно да ги истражи договорите за јавни набавки и финансиските резултати кои ги остварува ова државно претпријатие кое тоне во долгови, додека дели тендери на компании осудени за криминал, стои во партиското соопштение.