До Левица пристигнуваат сериозни пријави за незаконско политичко влијание, судир на интереси и злоупотреба на функцијата во Државната комисија за спречување на корупцијата. Како што велат од партијата, во центарот на овие сомнежи е членката на Комисијата – Цвета Ристовска.
-Според пријавата, станува збор за воспоставена мрежа на контрола врз текот и исходот на предметите, врз документацијата и внатрешното функционирање на ДКСК – мрежа која служи на интересите на владејачката структура предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Имено, преку сомнително ангажирање на лицето Татјана Наќева во архивата со договор за дело, и покрај тоа што архивата веќе била кадровски екипирана, се воспоставувал филтер врз влезната и излезната пошта. Преку овој механизам, ангажираната Наќева ја алармирала членката Цвета Ристовска по што таа ги известувала предметните лица, селектирала предмети, ја забавувале или „заглавувале“ постапката – зависно од тоа дали се однесуваат на луѓе блиски до власта, порачуваат од Левица.
Според партијата, Татјана Наќева инаку е сопруга на новинарот Љупчо Наќев, кој воедно е и предавач на Универзитетот Скопје кај Аце Миленковски, кој отворено важи за испостава на ДПМНЕ.
-На истиот универзитет е вработен и нејзиниот син – Филип Наќев. А за потсетување, и самата Цвета Ристовска била ангажирана како предавач на истиот универзитет. Ова е мрежа во која се преплетуваат антикорупциска институција, партиски блиски медиумски кругови и универзитетска инфраструктура – октопод на власта на ДПМНЕ.
Да потсетиме Цвета Ристовска беше известувач по предметот за директорот на АНБ, Бојан Христовски, каде што ДКСК утврди дека нема ништо спорно во неговото назначување и факултетската диплома од универзитетот каде Ристовска била професорка.
Преку ваквата мрежа, ДКСК систематски ги претвора флагрантните нерегуларности во аминувани и невидливи, а јавноста ја убедува дека е при очи слепа, стои во партискиот став.
Од Левица велат дека во наредниот период ќе продолжат да обзнануваат и други информации за оваа мрежа, функционирањето на ДКСК, но и други информации за партиска вмреженост и коруптивно влијание, без разлика колку високо водат пипците.
-Во таа насока, ги повикуваме сите граѓани, вработени во институции, кои располагаат со информации, документи, сознанија, трпат притисоци, сведочат на незаконитости, да ги достават до Левица, а ние им гарантираме анонимност. Само со разобличување, јавност и солидарност може да се скрши ѕидот на страв и молк и да се спречи државата целосно да биде заробена од партиско-коруптивниот октопод, велат од Левица.