Левица обвинува за „тивка ликвидација“ на МКЦ: Објектот се третира како политички плен и место за партиски вработувања

Според Левица, „драстичниот пад од над 113.000 посетители до 2019 година на едвај 23.000 годинава не е случајност, туку директна последица на погрешен и политички мотивиран модел на управување“

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: МКЦ

Партијата Левица обвинува дека Младинскиот културен центар некогаш клучно јадро на младинската, алтернативната и современата културна сцена во Скопје, денес е пример за тоа како една јавна културна институција може да се испразни од својата суштина без формално да се укине. Според партијата, драстичниот пад од над 113.000 посетители до 2019 година на едвај 23.000 годинава не е случајност, туку директна последица на погрешен и политички мотивиран модел на управување.

Од Левица се децидни дека МКЦ не пропадна сам од себе, туку дека е жртва на систем во кој јавните културни установи не се третираат како автономни простори за културна наобразба, продукција и развој, туку како политички плен, места за партиски вработувања, контрола и симболично „управување“.

-Наместо визија и содржина, добиваме институционална празнина, наместо културна политика добиваме административно одржување на статус кво. Од активен културен продуцент и јадро на младинска и алтернативна сцена, МКЦ е сведeн на простор за изнајмување и комерцијална програма. Кога политичката лојалност станува поважна од културната визија, институциите не се укинуваат, туку тивко се испразнуваат од нивната основна дејност и смисла. МКЦ денес е токму таков пример, кој младите го избегнуваат, додаваат од партијата.

Се наведува дека кога директорските позиции се третираат како политички функции, а не како културни одговорности, автономијата исчезнува, ризикот станува непожелен, а експериментот опасност.

-Така, јавната културна институција престанува да биде простор за наобразба, критичко мислење и генерациско создавање, и се претвора во сервис за одржување на статус кво и календар за комерцијални настани.

Последицата од ваквата политика не е само празна сала, туку изгубени генерации, прекинат континуитет и град без институционален младински простор што ја гради сопствената културна иднина.

Ова не е носталгија по минатото, туку предупредување за тоа што се случува кога културата се третира како трошок, а институциите како плен. МКЦ денес е симбол на таа политика и доказ за нејзините последици, стои во партиското соопштение.