Левица организираше протест пред „Треска“

од Nikola Popovski
279 прегледи

Синоќа членови на Левица – Центар заедно со граѓани од Општина Центар и градот Скопје, како и стечајните работници од некогашната фабрика „Треска“ преку протест изразиле силно негодување и осуда за, како што велат, севкупниот криминал поврзан со фабриката, од нејзиниот стечај, преку криминалната денационализација, па сè до тековната бетонизација на просторот со изградба на бетонски чудовишта.

Од партијата велат дека случајот со „Треска“ ја „отсликува целосната слика за континуитетот на антинародните власти во изминатите децении“.

-Преку населување на над 30 илјади жители во реонот, преку бетонизација на последното слободно место во центарот на градот, се врши урбанистички тероризација на севкупното населние – и ќе служи за своевиден симбол на негрижата на државата кон својот народ, како за работниците на фабриката кои и понатаму ги бараат своите пари и за кои сите власти остануваат неми, така и за сите луѓе врз чии животи изградбата на ова чудовиште ќе влијае, соопштија од Левица.

Од „Шанса за Центар“ сметаат дека потегот на партијата е само гол популизам и дека никогаш од советниците на Левица не добиле поддршка во нивната борба за просторот кај поранешната фабрика.

– Сега ви текна да дигате галама за урбицидот кај Треска? До сега слепи бевте, глуви бевте? После битка јунаци глумите? Каде бевте кога ни требаше поддршка во Совет на Општина Центар да му се спротивставиме на градоначалникот кога велеше дека тоа е приватен имот и секој може да прави што сака на приватен имот. Дека приватниот интерес е над јавниот! Тогаш него го поддржавте! Каде бевте кога „Шанса за Центар“ поднесуваше иницијатива до Уставен суд за оценка на уставноста на ГУП за Буњаковец во кој спаѓа и „Треска“? Чекавте судот да застане зад градежниците, па после да реагирате, велат од граѓанската иницијатива.

Во кругот на фабриката веќе се гради првата зграда. Уставниот суд на 3 август оформи предмет за измената на Деталниот урбанистички план (ДУП) Буњаковец 2, во чии рамки спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“, по поднесената иницијатива од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и од адвокатката Сузана Јошевска.

 

Слични содржини