Левица побара и сабота да биде неработен ден и го обвини Мицкоски дека е „верен слуга на Стопанската комора“

од Nikola Popovski
25 прегледи

Левица го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека е „верен слуга на Стопанската комора и домашната олигархија“ и го критикува поради, како што велат, најавите за враќање на недела за работен ден.

Од Левица потсетуваат дека врз овој удар по грбот на работникот претходат бројни средби помеѓу Мицкоски и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

-Левица нема да дозволи рајот на Мицкоски и Азески да биде граден врз пеколот на работниците. Како работничка партија, најавуваме отвореност за соработка со работниците и синдикатите, за отфрлање на лукративните робовладетелски интереси на буржоазијата. Наместо ова, се залагаме да се постават на маса барањата на работниците за зголемена минимална плата и воведување и на сабота за неработен ден.

Работникот не смее да биде поставен на дното на општеството и претворен во слуга на капиталот. Затоа најавуваме бескомпромисна борбa против обидот за одземање на ова круцијално работничко право. НЕ за богатење врз гробот на работниците, стои во партиското соопштение.

Потребни се измени на Законот за работни односи во делот на работењето во недела. Синдикатите бараат листата на дејности кои работат во недела да се минимизира, бизнис заедницата бара да нема ограничување по дејности за работат во недела.

Дали ќе бидат една ипол или две дневници за работа во недела не менува ништо, ова е обид за намалување на работничките права, велат од „Гласен синдикат“, еден од предлагачите на законските измени во 2021-ва година

Продавниците во трговските центри три години се единствени кои работат во недела.

Според сегашното законско решение недела е работен ден за 41 дејност каде не може да се прекине работниот процес. Дали недела ќе биде работен или неработен ден, Владата ќе одлучи по состанокот на Економско – социјалниот совет во втората половина на јануари.

Слични содржини