Левица поднесе декларација за признавање на Палестина

од Nikola Popovski
59 прегледи

„Пратеничката група на Левица денес ја поднесе декларацијата за признавање на Палестина во Собранието на Република Македонија. Со оваа декларација уште еднаш изразуваме поддршка за правото на палестинскиот народ на самоопределување како основно човеково право загарантирано со меѓународното правo и принцип водилка на сите народи кои се борат за слобода и независност“, информира пратеникот и портпарол на партијата, Амар Мециновиќ.

Тој истакна дека палестинскиот народ со децении е жртва на ционистичкиот режим кој спроведува систематски колонијализам и етничко чистење.

-Признавањето на независноста на Палестина е важен чекор кон исправање на историските неправди нанесени на овој народ. Политиките кои ционистичкиот режим ги спроведува врз Палестинците не се ништо помалку од Апардхејт.

Систематската гетоизација и конфискација на земјиштата на Палестинците се само дел од дејствијата кои ја продлабочуваат окупацијата. Во овие мигови се случува и геноцид врз палестинскиот народ во Газа. Незамисливо насилство, лишување од основните услови за живот, бомбардирање на домови, убивање на цивили вклучувајќи деца се јасни докази за воени злосторства и злосторства против човештвото, посочи Мециновиќ.

Според него, меѓународната заедница мора да преземе дејствија за да ги спречи овие варварски дела и обезбеди правда за Палестинците.

-Со оваа декларација Македонија ќе се приклучи на светското движење за признавање на палестинската независност, додаде пратеникот од Левица.

Во месец јули, од Владата соопштија дека немаат донесено конечна одлука за признавање на Палестина, но ова прашање останува на дневен ред и ќе продолжиме да работиме со целосно почитување на меѓународното право и принципите на ОН.

Од Кабинетот на претседателката на државата, велат дека таа се води според македонските национални интереси. Додаваат дека согласно македонскиот Устав, признавањето на држави и Влади е во надлежност на Владата.

-Претседателката Сиљановска Давкова цени дека при носењето на одлуките треба да се имаат предвид и позициите на НАТО, каде што сме полноправна членка, како и на Европската Унија, каде што сме кандидати за членство. Претседателката смета дека за толку важно прашање потребна e размена на ставови меѓу сите носители на власта, велат од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија.

Слични содржини