Левица поднесе иницијатива: „Децата на Газа“ како одговор на израелскиот парк

Од советничката група на Левица во Аеродром посочуваат дека додека се прифаќа „израелски парк за деца“ не смее да се молчи за страдањата на децата во Газа

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Фејсбук

Советничката група на Левица поднесе иницијатива Општина Аеродром да ја прифати скулптурата „Децата на Газа“ од Никола Пијанманов, кој преку објава на социјалните мрежи делото го донираше на Општина Аеродром.

„Оваа скулптура од железо ја донирам да биде поставена како споменик во новиот детски парк во Аеродром кој е донација од Израел. Постаментот нека го донира општината. Скулптурата се вика ’Децата на Газа’“, напиша Пијанманов на социјалните мрежи.

Со оваа изјава, истиот ден кога градоначалникот на Аеродром, Дејан Митевски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, во Аеродром, го отворија детскиот парк дониран од Израел, уметникот Пијанманов ја понуди својата скулптура како симболичен одговор и повик за сочувство кон децата во Газа.

Од советничката група на Левица, пак, посочуваат дека додека се прифаќа „израелски парк за деца“ не смее да се молчи за страдањата на децата во Газа. Тие нагласуваат дека поставувањето на скулптурата би била јасна порака дека Аеродром зазема страна на човечноста, животот и достоинството.

Според иницијативата, скулптурата „Децата на Газа“ треба да биде поставена како спомен – обележје во новиот парк, а од општината се бара да го обезбеди постаментот. Од Левица додаваат дека делото не е само уметнички чин туку и потсетник на невините жртви и повик за солидарност.