Левица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Охрид против Христијан Пендиков, во својство на генерален секретар на сега веќе поранешниот бугарски клуб во земјава, „Цар Борис III“.
-Пендиков, во интервју емитувано на 14 февруари 2023 година, на една од најгледаните телевизии во соседна странска држава, намерно дава лажни изјави и клевети кон македонскиот народ и Република Македонија. Имено, пријавениот во контроверзното интервју, ги изнесува познатите негаторски тези на бугарскиот шовинизам дека „Македонците и Бугарите се еден исти народ”.
Со ваквата изјава, Пендиков ја изложува на подбив Република Македонија, која е конституирана и постои како национална држава на македонскиот народ. Оваа изјава е дејствие директно насочено кон разгорување национална ОМРАЗА и нетрпеливост, изложувајќи ја на подбив македонската националност и оспорувајќи ја нејзината посебност и самобитност, велат од Левица преку соопштение.
Додаваат дека пријавениот се терети дека извршил стек на кривични дела:
–Повреда на угледот на Републиката – казниво по чл. 178 од КЗ;
-Излагање на подбив на македонскиот народ – казниво по чл. 179 од КЗ;
-Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа – казниво по член 319 став 1 од законот.
Две лица се обвинети дека го претепаа Пендиков вечерта на 19 јануари во центарот на Охрид на паркинг близу угостителски објект во кој прво имало вербална пресметка помеѓу нив. Оштетениот не доаѓа во земјава на судските рочишта и живее во Софија, каде што остана таму после лекувањето. Тој од бугарските власти доби живеалиште, стипендија и обезбедување.