Политичката партија Левица денеска до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднела кривична пријава против потпретседателот на Владата на Република Македонија, Артан Груби од ДУИ, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Противправно стекнување и прикривање имот“ – казниво по чл. 359-а, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена парична и затворска казна од шест месеци до пет години, соопштија од Левица.
– Пријавениот се терети дека во својство на овластено службено лице, како вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во Владата на РМ – не го пријавил опожареното возило „Ауди“ во својот Анкетен лист, иако – како избрано или именувано лице, т.е. јавен функционер бил должен тоа да го стори во законски регулирана постапка предвидена пред Држвната комисија за спречување на корупцијата – се посочува во соопштението.
Со цел да го прикрие „аудито“, се додава, тој свесно и со умисла не го навел во Изјавата за имотната состојба и со помош на лицето Беким Лимани, во својство на помагач, возилото го завел како сопственост на Лимани, против кого, се наведува во соопштението, исто така е поднесена пријава за „помагање“ сторено преку однапред ветено прикривање на кривичното дело, што е казниво по чл. 24 од КЗ.
– Очекуваме, надлежното ОЈО – Скопје, сериозно да ја земе во работа оваа наша издржана кривична пријава и по неопходниот распит на пријавениот и сведоците, како и по професионалното комплетирање на целокупната релевантна документација за овој кривичноправен настан, да покрене обвинение против актуелниот министер, со што еднаш-засекогаш би се ставил крај на сè позачестената злоупотреба која се прави од недопирливите јавни функционери на власта, во однос на прикривање на нивните реални имоти и противправно стекнати богатства – соопштија од Левица.