Левица: Политиките на Мицкоски и Дурмиши ја носат Македонија кон економски колапс

од Nikola Popovski
48 прегледи

„Претседателот на Владата на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ, Христијан Мицкоски, и министерот за економија, Бесар Дурмиши, се директно одговорни за продлабочувањето на економската криза која го погодува македонскиот народ. Граѓаните секојдневно се соочуваат со растечка инфлација, невработеност и незаштитеност. Најголем удар им е зголемувањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите, додека Владата на Мицкоски и министерството предводено од Дурмиши не преземаат ништо конкретно за да го олеснат овој товар“, обвинуваат од Левица.

Партијата предлага јасна и конкретна алтернатива која ќе ги заштити интересите на граѓаните и работничката класа.

Од партијата тврдат дека индустриското производство опаѓа, реалната невработеност расте, административните процеси се блокирани од неефикасност и лошо управување и државата станува сè позависна од меѓународните финансиски институции, што ја загрозува нашата економска сувереност.

-Наместо да се фокусираме на краткорочни мерки кои водат кон дополнително задолжување, ние бараме итна преориентација кон поддршка на домашното производство, инвестиции во обновливи извори на енергија и ЗАШТИТА НА НАЦИОНАЛНИТЕ РЕСУРСИ. Владата мора да почне да се грижи за своите граѓани, а не само за странските корпорации.

Повикуваме на итно преиспитување на сегашната економска политика на Дурмиши и воведување на мерки кои ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните и ќе ја обезбедат економската независност на Република Македонија, велат од партијата на Димитар Апасиев.

Според Левица, Владата ја носи државата на раб на економски колапс.

-Наместо ефективни долгорочни мерки, нè соочуваат со импровизации кои го продлабочуваат проблемот. Неуспехот да се контролира инфлацијата и да се заштитат најранливите категории на граѓани е неприфатлив и мора да се понесе одговорност, порачаа меѓу другото од опозициската партија.

Слични содржини