Само Република Македонија од земјите во регионот има високи прагови на црвени аларми кога станува збор за опасноста од екстремните временски услови. Црвениот праг според постоечките правилници е на фрапантни 44 степени Целзиусови, а Институтот за јавно здравје најавува зголемување и на тој праг, обвинуваат од Левица за состојбите со топлото време и препораките од властите.
Според партијата, шроф. д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје во неколку наврати ја залажува јавноста дека црвениот праг од 44 степени Целзиусови е во нормални граници. Од Левица се децидни дека ваквиот скандалозен став само потврдува дека властите воопшто не се грижат за здравјето на обичниот народ.
„Кочубовски ѝ стана познат на јавноста уште во поставата на Министерството кога на чело беше Тодоров, откако изби скандалот дека водата во Дојранско Езеро е загадена и дека се забранува за капење. Кочубовски тогаш излезе во јавноста да ја брани тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека постои нов правилник, според кој водата воопшто не е загадена, туку има одличен квалитет и може слободно да се користи. Истото залажување на јавноста го гледаме и сега кога се потребни реални решенија за заштита на ранливите категории и на хроничните болни, а Владата преку Кочубовски ги изложува на ризик работниците, хроничните болни и децата, само за да го заштити интересот на газдите“, велат од Левица.
Левица алармира дека постоечкиот праг од 44 степени Целзиусови за издавање на црвен аларм е премногу висок и не го рефлектира вистинскиот ризик по здравјето на населението.
„Институтот итно треба да го ревидира и да прилагоди прагот за алармирање, земајќи ги предвид најновите научни сознанија и препораки од меѓународните здравствени организации“, посочува Левица.
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени. УВ-индексот ќе има вредност 10.