Левица: Пратеникот Петар Ристевски од ДПМНЕ рекордер по патни трошоци и покрај тоа што поседува стан во Скопје

од Љубиша Владимиров
89 прегледи

Пратеникот Петар Ристевски од ВМРО-ДПМНЕ е најголем рекордер по патни трошоци за 2024 година, со над 14.300 евра само за оваа година, иако според достапните податоци, тој поседува стан во општина Кисела Вода во Скопје, како и уште пет пријавени недвижнини, објавија од партијата „Левица“, на „Фејсбук“.

Оттаму јавно го повикаа Ристевски да објасни дали користи патни трошоци на сметка на граѓаните додека истовремено има стан во главниот град, што го прави сомнителен неговиот трошок за патувања. Левица наведува дека во минатиот мандат, патните трошоци што ги наплатил Ристевски дури ја надминале неговата пратеничка плата. Исто така, според анкетниот лист на Ристевски, тој прима плати преку четири различни сметки, а пријавил и дека неговите родители немаат приход од закуп, иако не пријавил недвижнини на нивно име. Левица посочува дека Антикорупциската комисија ја игнорира оваа состојба, без да прави сериозни проверки.

Од партијата пристигнаа и информации дека Ристевски користел возила на прилепски компании за да патува до Скопје, но сепак наплатувал патни трошоци и амортизација за сопственото возило.

„Прашуваме дали ова се уште е пример за злоупотреба на јавни средства и дали Ристевски и покрај станот во Скопје наплаќа и кирија од државата?“, велат од Левица.

Тие додаваат дека оваа „перверзна тенденција за користење на функционерски привилегии“ е веројатно причина зошто Ристевски постојано реагира со навреди кон пратениците од Левица, кои, како што велат, се единствените што гласно и бескомпромисно се борат против корупцијата и злоупотребата на јавните функции.

Слични содржини