Левица предлага порталите да имаат најмалку по еден вработен

од Nikola Popovski
261 прегледи

Левица вчера поднесе амандман во интерес на порталите и радијата во однос на Законот за медиуми. Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, ја образложи потребата од поднесување на овој амандман.

,,Мојот амандман интервенира во однос на тоа што самиот предлагач поднесе амандман во којшто се вели дека бројката на вработени во порталите од тројца вработени се спушта на еден вработен плус еден хонорарен работник. Постојат портали коишто се со многу специфична проблематика како спортски портали, портали за автомобили, религиски портали, кои немаат потреба од толку вработени и мислам дека со еден вработен ќе се постигне ефектот кој сакаме да го постигнеме, а да бидат ставени во рамки на законската регулатива и така да бидат заштитени. Затоа го предложивме и амандманот со тоа што би ја намалиле бројката на еден вработен, наместо на ,еден плус еден’ или тројца како што беше во оригиналниот текст“, истакна Мециновиќ на комисиската расправа.

Тој смета дека не е фер радијата да мораат да пријават посебно правно лице за вршење на оваа дејност, а телевизиите не.

„Поради тоа, сметавме дека треба да се интервенира и радијата кои се, исто така, радиодифузери како и телевизиите да ја имаат истата привилегија во ова законско решение но мнпзинството како да не го виде тоа за сходно и оттука произлегувљше потребата за поднесување на овој амандман“, порача Мециновиќ.

Според амандманот поднесен од повеќе пратеници, а кој го образложи пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, во законот по ставот 9 се додаваат пет нови ставови. Како што беше образложено, надлежното регулаторно тело нема да го впише издавачот на онлајн медиумот интернет порталот во Регистарот на издавачи на онлајн медиуми-интернет портали доколку нема вработено најмалку две лица со полно работно време, односно ќе го избрише издавачот на онлајн медиумот-интернет порталот од Регистарот на издавачи на онлајн медиуми – интернет портали доколку го нема потребниот број на вработени согласно со член 15 став (3) алинеја 4 од овој закон.

Комисијата одлучи Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми во второ читање да се проследи во натамошна собраниска постапка. Членовите на Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање го разгледаа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за градење во второ читање.

Уште претходно Владата соопшти дека го донела Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми, со кој и интернет-порталите стануваат медиуми, се воспоставува ресгистар на портали, како и правила за впишување во него. Најделикатниот услов за еден интернет-портал да влезе во регистарот е да има „најмалку три лица во редовен работен однос“.

Слични содржини