Левица: Предложивме амандмани за прекин на партиските вработувања во културните установи

од Vladimir Zorba
13 прегледи

Културните установи со години се користат како алатка за партиски влијанија, наместо како центри за развој на културата. Ревизорските извештаи откриваат низа нерегуларности: негативни финансиски резултати, исчезнати проектни документации, милионски исплати за недефинирани проекти и други проблеми кои ја загрозуваат суштината на културата, соопштија од Левица.

Измените на Законот за култура пристигнаа во Собранието, а пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – ХАКТАН предложи амандмани со конкретни решенија за најгорливите проблеми:

-Транспарентни и објективни вработувања

Наместо да се одлучува во партиските штабови, Левица предлага за новите вработувања во културните установи да одлучува комисија составена од директорот на установата, пет вработени со повисок ранг од кандидатите и претставник од репрезентативниот синдикат. Оваа мерка има за цел да го намали партискиот клиентелизам и да обезбеди квалитет при вработувањата.

– Прекин на злоупотребите со надворешни соработници

Со цел рационално користење на буџетот, предлагаме исклучување на надворешните соработници кои заработуваат огромни хонорари, а често се непотребен товар за установите. Работата што тие ја извршуваат ќе биде распределена на постоечкиот кадар и волонтери, со што ќе овозможи соодветно користење на финансиските ресурси, како и поттикнување на вистинска посветеност кон културата.

– Ограничување на надоместоците за Советот за култура

Предлагаме максималниот износ на надоместок за членовите на Советот за култура да биде ограничен на висината на просечната плата. Оваа мерка ќе го спречи самоволието на Министерот за култура, ќе ја намали злоупотребата на јавните средства и ќе ја елиминира можноста за политички поткуп при изборот на членовите на советодавните тела.

Со овие амандмани, Левица се залага за целосна професионализација на културниот сектор, воспоставување на интегритет на институциите и ставање крај на политичките злоупотреби“, додаваат од партијата.

Слични содржини