Левица: Преспанскиот договор без потпис од претседателот е ништовен

Наместо вистинска независност, последниве 34 години добивме зависност од ЕУ и НАТО во спротивност на нашите национални интереси, порачаа од Левица

од Nikola Popovski
66 прегледи

По повод одбележувањето 34 години независност, делегација на Левица, составена од кандидатите за градоначалници на скопските општини – Марјан Димитриев (Аеродром), Александар Димитријевиќ (Ѓорче Петров) и Златко Тренчевски (Гази Баба) положи свежо цвеќе и се поклони на гробовите на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, првиот премиер, Никола Кљусев и на вечното почивалиште на претседателот Борис Трајковски.

-Референдумот за независност на Македонија се одржа на 8-ми септември 1991 година. На Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани, односно 95,26% од оние кои гласале биле ЗА суверена и независна држава Македонија. И овој 8 Септември потсетуваме дека уставното име на државата е Република Македонија! Потсетуваме дека референдумот од 30 септември 2018 за промена на уставното име беше неуспешен. Оттаму, Преспанскиот договор склучен од тогашната квислиншка власт и без потпис од претседателот е ништовен, порачуваат од партијата во опозицијата.

Левица останува доследна на правото за самоопределување на народот и не ги признава, како што вели, империјалистички наметнатите договори спротивни на Повелбата на ООН, договори што го поткопаа суверенитетот на државата и го нарушија угледот на Македонците.

-Наместо вистинска независност, последниве 34 години добивме зависност од ЕУ и НАТО во спротивност на нашите национални интереси, стои во соопштението на Левица по повод Денот на независноста.